Земјотрес со магнитуда од 6,3 степени по Рихтеровата скала, кој е забележан во Северна Кореја, најверојатно е вештачки предизвикан. Сеул не ја исклучува можноста дека Пјонг Јанг изврши шесто нуклеарно тестирање, јавува агенцијата Ронхап.
„Северна Кореја можеби изврши нуклеарно тестирање. Се повикуваат членовите на Советот за национална безбедност“, ги пренесе агенцијата зборовите на претставник на администрацијата на јужнокорејскиот претседател.
Малку потоа, евидентиран е уште еден потрес од 4,6 степени, соопшти јужнокорејската агенција.
Јужнокорејската војска не се сомнева дека Пјонг Јанг извел нуклеарно тестирање, јави агенцијата Кјодо, повикувајќи се на дипломатски извори.
Северна Кореја потврди дека, откако биле регистрирани два силни земјотреси, дека тестирала нова хидрогенска бомба наменета за интерконтинентална балистичка ракета и себе си се прогласи за термонуклеарна сила.
Хидрогенската бомба која денес ја тестираше Северна Кореја е пет пати помоќна од онаа фрлена на нагасаки на 9 август 1945 година кога загинаа 74.000 луѓе, пишува денеска Би-Би-Си.
Ова е прва нуклеарна проба откако Доналд Трамп е претседател на САД и сега се поставува прашањето како тој ќе реагира на сето ова.
Тој пред неколку недели и се закани на Северна Кореја со „оган и бес каков што светот сеуше не видел“, а после тоа и напиша дека военото решение на проблемот со Северна Кореја е „потполно подготвено“.
Кинески експерт за Северна Кореја вели дека таа држава го спровела нуклеарниот тест, кој според јачината ги преминал сите претходни, за да ја види атмосферата пред самитот на земјите од БРИКС.
Самитот на лидерите од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка ќе се одржи во понеделник и вторник во кинескиот град Сиамен.
Чунг Шаохе, од Универзитетот Ренмин, пак, вели дека нуклеарниот тест на Севрна Кореја е повод за нова криза на Корејскиот полуостров. Тој смета дека Северна Кореја покажала дека не се плаши од никаков притисок.
Кинеската Агенција за нуклеарна безбедност соопшти денеска дека започнала вонредна контрола на нивото на радијација долж границата со Северна Кореја.
Проверка на нивото на радијација прави и Руската Федерација на далечниот исток. Во регионот Приморски. Наводно, тоа денеска било на нормално ниво.
„Состојбата со радијацијата е стабилна. Нивото е во нормален опсег“, пишува во соопштението на локалното набљудувачко државно тело „Примгидромет“.
Кина го осуди нуклеарниот тест
Министерство за надворешни работи на Кина побара денеска од Северна Кореја да ги запре своите, како што наведува, „погрешни“ акции откако Пјонг Јанг успешно тестираше унапредена хидрогенска бомба.
Кинеското министерсво во соопштението на својот сајт наведува дека Кина жестоко се спротивставува и силно ги осудува акциите на Северна Кореја.
Официјален Пекинг, исто така, го повикува Пјонг Јанг да ја почитува резолуцијата на Советот за безбедност при Обединетоте нации.
Америка и Јужна Кореја на врска после тестот на Ким
Претседателскиот кабинет на Јужна Кореја соопшти дека највисоките безбедносни официјални лица на Сеул и Вашингтон разговарале по шестиот нуклеарен тест на Северна Кореја.
Од таму соопштуваат дека американскиот советник за национална безбедност Херберт Рејмонд Мекмастер и неговиот корејски колега Чунг Уи-јонг телефонски разговарале дваесетина минути.
Денешниот нуклеарен тест на Северна Кореја е најсилен од досега спроведените. Тамошните државни медиуми тврдат дека во прашање е тест на хидрогенска бомба.
Метеоролошката агенција на Јужна Кореја соопшти дека е регистриран земјотрес со јачина од 5,7 степени по Рихтер, кој најверојатно настанал како последица на детонацијата.
Могерини: Пјонг Јанг да го напушти нуклеарното оружје
Европската унија ја осуди нуклеарната проба на Северна Кореја како неприфатлива провокација порачувајќи дека Пјонг јанг мора да ги запре своите нуклеарни активности.
Денешното тестирање на хидрогенската бомба претставува „голема провокација, сериозна закана за регионалната и меѓународната безбедност како и огромен предизвик за глобалниот режим на оружјето за масовно уништување, се наведува во соопштението на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини.
Пјонг Јанг, посочува Могерини, мора да се ангажира во кредибилен дијалог за потполна денуклеаризација на Корејскиот полуостров и полна примена на релевантните резолуции на Советот за безбедност при Обединетите нации.
„Денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров може да се оствари само по мирен пат, во интерес на сите Корејци, на сите во регионот, како и во целиот свет“, наведе таа.
На крајот Могерини додаде дека ЕУ ќе завземе цврст став по овој повод, како и тоа дека своите акции тесно ќе ги координира со одлуките на Советот за безбедност при ОН.









