Идеи и предлози за подобрување на примарната селекција и одлагање на отпадот од домаќинствата во Скопје може граѓаните да достават до Центарот за иновации Скопје Лаб.
За таа цел Скопје лаб организира четири работилници, од кои едната денеска во Скопје. Наредните три се на 17-ти, 27-ми и 30-ти овој месец.
Во оваа фаза ќе учествуваат претставници од ромската заедница – неформални собирачи на отпад, Град Скопје, ЈП Комунална хигиена, Пакомак, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за труд и социјална политика, Агенција за храна и ветеринарство, Депонија Дрисла, граѓански организации и неколку приватни компании кои работат на собирање отпад вклучувајќи го и електронскиот отпад како и граѓани.
До сега е одржана една работилница на која се анализираа податоците од теренското истражување (навики, потреби, причини) со цел да се одреди правецот во кој треба да се размислува при изнаоѓање на решенијата.
Пилот проектот за справување со проблемот со отпадот во Скопје е на иницијатива на Скопје Лаб како резултат на долгорочно истражување на проблемите со кои се соочува град Скопје. Проектот е помогнат од страна на Програмата на Обединетите нации (УНДП) и Град Скопје.
ИЗВОР: МИА







