Северна Кореја денеска објави дека американскиот војник Тревис Кинг, кој минатиот месец илегално влегол на нејзина територија, избегал од „нечовечко малтретирање и расна дискриминација“ во армијата на САД.
Кинг кон крајот на јули беше уапсен затоа што без одобрение при обиколката на Заедничката безбедносна зона меѓу двете Кореи ја минал границата и влегол во Северна Кореја.
Пјонгјанг во своето прво соопштение за случајот со американскиот војник вели дека младиот човек признал дека „незаконски упаднал на територијата на таа земја“ за да побара засолниште.
Вашингтон соопшти дека не може да ги потврди овие тврдења.
„Во текот на истрагата, Кинг призна дека одлучил да дојде во ДНРК затоа што имал негативен став за малтретирањето и расната дискриминација во американската војска“, се наведува во објавата на државната новинска агенција КЦНА.
По тепачка во бар во пијана состојба, инцидент со полицијата и престој во јужнокорејски затвор, Кинг минатиот месец бил однесен на аеродромот за да полета за Тексас.
Но, наместо да отпатува во Форт Блис на дисциплинско сослушување, тој се прикрал, се придружил на патролата за обиколката на демилитаризираната зона меѓу двете Кореи и преминал преку границата.
„Ја изрази и подготвеноста да бара статус на бегалец во Северна Кореја или во трета земја, велејќи дека е разочаран од нееднаквоста во американското општество“, соопшти КЦНА, додавајќи притоа дека владината истрага е во тек.
Претходно, американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, потврди дека е остварен контакт со претставници на Северна Кореја, додавајќи дека се уште не знае каде е Кинг и во каква состојба е.







