Министерството за економија на Србија распиша тендер за продажба на 93,7 отсто од капиталот на белградската фармацевтска компанија „Галеника“ по почетна цена од едно евро.
Обврска на купувачот е да го зголеми основниот капитал на „Галеника“ со уплата од 25 милиони евра што ќе се користат за финансирање на обврски кон доверителите.
Рок за доставување на пријави за учество во постапката за приватизација на Галеника е 2 Октомври, а отварањето на понудите е два дена потоа. Уплатата за откуп на документацијата изнесува 250.000 динари (околу 2.000 евра).
Услов за учество во приватизацијата е заинтересираниот инвеститор да работи во областа на фармацевската индустрија и неговите годишни приходи да се поголеми од 300 милиони евра во последната работна година.
Проценетата вредност на капиталот којшто се нуди на продажба е негативна и изнесува 152 милиони евра.
Банките на кои „Галеника“ им должи повеќе близу 72 милиони евра се согласни идниот сопственик на фабриката да им исплати 25 милиони евра со што долгот по дисконтна цена ќе биде откупен во целост.
Потенцијалните инвеститори проценуваат дека оптималниот број на вработени во „Галеника“ би бил меѓу 700 и 900 работници, а сега таму има 1.400.
Обид за приватизација на „Галеника“ пропадна на почетокот на оваа година, затоа што со потенцијалниот стратешки партнер, руско-британскиот конзорциум „Фронтиер-Петровакс“ не е постигнат договор за превземање на долгувањата кои таа фармацевтска компанија ги има кон комерцијалните банки.
Како што пишуваат медиумите во Србија, заинтересирани за „Галеника“ сега се конзорциумот „Фронтиер-Петровакс“, „Синфорам“, „Амикус“, „Хемофарм“ и „ЕМС“ од Бразил.







