„Вештачката интелигенција е тука, и ние одговорно ќе ја прифатиме заедно со нашите музички партнери“ – е пораката од седиштето на видео и музичкиот сервис на Гугл, Јутјуб, кој се однесува на објавување музика создадена со помош на генеративна вештачка интелигенција.
Во своето објаснување понатаму наведуваат дека технолошкиот свет се наоѓа на пресвртница, каде што е јасно дека новите технологии треба „храбро да се прифатат“, но и дека притоа треба да се биде одговорен.
После неколкумесечни разговори со претставници на музичката индустрија, тие дојдоа до решение – ќе се воведат строги принципи, кои ќе треба да ги следат оние кои на Јутјуб сакаат да објавуваат музика создадена со помош на алатки за вештачка интелигенција.
Заедно со музичките издавачи, Јутјуб ќе создаде регулаторна рамка, со цел да ги заштити музичарите, но и со слобода на изразување и креативност за оние кои сакаат да користат ВИ.
Притоа, истакнаа три главни принципи, според кои ќе се создаде нов однос помеѓу нивната платформа и овој вид музика.
Првиот принцип вели дека, за да одговорно и заеднички влезат во овој проект, ќе формираат музички инкубатор (YouTube’s Music AI Incubator). Во него ќе учествуваат избрани уметници, од композитори до продуценти, а ќе служи како советодавно тело во решавањето на овој проблем.
Понатаму, велат дека понекогаш проблематичниот систем за заштита на правата (Content ID), и во иднина ќе продолжи да ја поддржува и заштитата на креативците и авторите и да им овозможи да заработат.
Но, во ерата на вештачката интелигенција, системот ќе мора да еволуира за да се прилагоди на новите видови на содржина.
И конечно, правилата поврзани за објавата на содржината ќе мора, исто така, да се прилагодат, за да се овозможи „техничка манипулација“ со содржината, но и понатаму би биле корисни во борбата против дезинформациите и сличните несакани појави.
„Неограничениот потенцијал на генеративната вештачка интелигенција бара внимателен пристап, кој ги одразува се пошироките граници на креативното изразување. Генеративните системи за вештачка интелигенција можат да ги поттикнат тековните предизвици како што се злоупотребата на трговски марки и авторски права, дезинформациите, спамот и сличните на нив. Меѓутоа, вештачката интелигенција може исто така да се користи за идентификација на овие видови на содржини, а ние ќе продолжиме да инвестираме во технологија која нам ни помага да ја заштитиме заедницата на гледачи, креатори, уметници и текстописци“, е пораката од Јутјуб.







