Мирјета Бајрамовска, левиот бек на репрезентацијата на Македонија од следната сезона ќе биде дел од вице-шампионскиот тим на Европа, тимот на Вардар. Таа е втората репрезентативка на Македонија што го засилува ЖРК Вардар, по Јована Саздовска.
Бајрамовска се договори со Вардар за едногодишна соработка. По три сезони минати во Крим од Љубљана, Словенија, таа се враќа во Македонија и ќе биде дел од „црвено-црниот“ тим. Како дел од репрезентацијата на Македонија има над 50 настапи, и настапи на ЕП 2008 година и ЕП 2012 година.
„Взаемниот интерес за соработка е клучот на мојата одлука да потпишам за Вардар, а можеби и тука да ја завршам кариерата. Секој спортист сака да биде првак на Европа и да ја освои лигата на шампионите, а тоа може само со неколку клубови, а меѓу нив е Вардар. Уште поголем императив е со македонски клуб да се борам за титула во ЛШ, и би сакала и јас да дадам свој придонес во тоа. Секогаш сакам да бидам во клуб каде професионализмот е на прво место, и секој си ги извшува задачите, резултатите се неизбежни. Инфраструктурата и условите што ги има Вардар се најдобри во Европа. Сакам да се заблагодарам на менаџерскиот тим на Вардар и сопственикот Сергеј Самсоненко за укажаната доверба за која максимално ќе се посветам да ја оправдам со сите мои настапи“, изјави Бајрамовска.
Освен во Крим, 32-годишната Бајрамовска има настапувано и за екипите на МАР Аликанте од Шпанија и Драма од Грција, и за Кометал ЃП, Еуростандарт ЃП и Металург. Со Кометал ЃП и Металург беше првак на Македонија, а со Крим во Словенија. Во сезоната 2009/2010 како дел од Металург беше и најдобар стрелец во Челинџ Купот со вкупно 69 постигнати гола.







