Новак Ѓоковиќ ќе игра во полуфиналето на турнирот во Рим. Српскиот тенисер и во вториот ден на мечот со Хуан Мартин дел Потро беше сигурен и убедлив на теренот па го доби и вториот сет за победа од 2:0 (6:1, 6:4).
Ѓоковиќ и Дел Потро во петокот го почнаа својот четвртфинален меч, во кој Србинот убедливо водеше со 6:1, 2:1.
Меѓутоа, дождот го прекина нивниот дуел пола час пред полноќ и го одложи за денес. Истиов ден, во вечерниот термин од 20 часот Новак ќе игра полуфинале против Доминик Тим.
Во вториот сет, кој траеше нешто подолго од половина час, Ѓоковиќ прв дојде до брејк, во петиот гем. Најдолго траеше шестиот гем. Дел Потро имаше брејк топка, но Новак се врати за изедначување. На крајот, после две пропуштени предности, успеа да го освои гемот и да поведе со 4:2.
Треба да се истакне дека Ѓоковиќ играше прецизно тактички. Го форсираше бекхендот на Дел Потро и тоа навистина добро го правеше. Беше доминантен во винерите.







