Романската влада ја повлече спорната уредба со која се декриминализираат многу случаи на корупција, изјави вечерва Калин Таричеану, лидерот на партијата АЛДЕ, помал коалиционен партнер на владеачките социјалдемократи.
„Ова се случува затоа што немаме што да криеме“, изјави Таричеану за приватната телевизија Романиа ТВ.
Претходно вечерва лидерот на владеачката романска Социјалдемократска партија (ПСД) Ливију Драганеа рече дека владата на таа земја може да ја повлече уредбата која предизвика масовни демонстрации и меѓународна осуда поради тоа што декриминализира одделни случаи на корупција.
Романците од усвојувањето на уредбата со денови протестираа во неколку градови, се разбира во најголем број во престолнината.
Дури и вечерва во Букурешт се собраа околу 20.000 демонстранти кои дојдоа до зградата на парламентот каде се обидоа да направат жив ѕид.
Тоа, меѓутоа, не им појде од рака.
Во текот на првите демонстрации во Букурешт, дојде до судири меѓу граѓаните и полицијата, но после тоа се беше мирно.
Спорната уредба на владата која подразбираше и нацрт закон за помилување на осудени лица, беше критикувана како најголема отстапка од антикорупциските реформи, од 2007 година, кога Романија стана членка на ЕУ.
Воедно, со неа би била овозможена декриминализација на прекршоци во врска со злоупотреба на власта, во кои износите не преминуваат 200.000 леи или 48.000 долари.









