Во посета на Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска е рускиот митрополит Антониј, директор на Одделот за меѓународни односи на Руската православна црква и викар на патријархот Кирил.
Антониј денеска ќе се сретне со Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј, синоќа, изјави дека посетата на митрополитот Антониј, која не беше најавена ниту од Македонската ниту од Рруската православна црква, не е случајна, но не откри детали за причините и целта на доаѓањето на рускиот митрополит.
„Средбата не е случајна. Неблагодарно е сега да се зборува што било. Ќе видиме што ќе ни претстават тие“, истакна владиката Тимотеј.
Посетата на митрополитот Антониј се случува во време кога МПЦ го очекува томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност.
Претходно, дел од бугарските медиуми, повикувајќи се на црковни извори, објавија дека тој доаѓа во Скопје да ги убедува македонските владици да не преговараат со Вселенската патријаршија и да бидат на линија со РПЦ. Патем, потсетија дека митороплитот Антониј во декември минатата година во Софија имал „тајна“ средба со бугарскиот патријарх Неофит, по која, како што посочуваат, Синодот на БПЦ одлучи да го признае томосот на СПЦ за автокефалноста на МПЦ.







