Авион на руски „Азур ер“ со 244 лица мораше принудно да слета во воена воздухопловна база во Индија поради закана за бомба.
Авионот, на лет од Москва до Гоа во југозападна Индија, со 236 патници и осум членови на екипажот, слета во понеделникот доцна навечер во базата на индиските воздухопловни сили во Јамнагар, во државата Гуџарат.
Според локалните медиуми, летот бил пренасочен откако „Азур ер“ добил порака на мејл во која се вели дека во авионот има бомба.
„Сите луѓе во авионот се безбедни. Властите вршат темелна проверка на леталото“, објави утринава руската амбасада на Твитер.
Државната полиција изјави дека антитерористичка единица го проверува авионот и багажот на оние што биле во него додека патниците чекале на аеродромот.
„Досега не е пронајдено ништо сомнително“, објави утринава Премсук Делу, полициски службеник од Јамнагар.
На руски туристи им е забранет влез во многу земји од почетокот на руската инвазија на Украина, но тие и понатаму одат во Индија во голем број.
(Фото: Авион на „Азур ер“/Илустрација)







