Рускиот авион со 92 патници и членови на екипажот, меѓу кои и 60 членови од прочуениот руски воен хор „Александров“, се сруши во Црно море неколку минути по полетувањето од место близу Сочи, соопштија од руското Министерство за одбрана.
Како што се наведува, авионот „Тупољев 154“ на Министерството за одбрана го превезувал рускиот хор „Александров“ на концерт во руската воена база во Сирија.
Во леталото биле 84 патници и осум членови на екипажот, а авионот исчезнал од радарите набрзо после полетувањето.
Авионот полетал во 5.40 минути по локално време (3.40 по централноевропско време) од местото Адлер, јужно од пристаништето Сочи на Црно море, на редовен лет за руската воена база Хмеимим, кај Катакија, на северозападот на Сирија.
Службата за вонредни ситуации пронашла остатоци од авионот на 1,5 километри од брегот на Сочи на длабочина од 50 до 70 метри.
До сега се пронајдени тела на четворица загинати во несреќата.
Според списокот на патници кој го објави министерството за одбрана, во срушениот авион биле 64 членови на воениот хор „Александров“, осум војници, меѓу кои и директорот на хорот Валериј Хакилов, осум членови на екипажот, девет новинари – по тројца од телевизиите Прв канал, НТВ и Звезда, двајца високи цивилни официјални
лица и директорка на позната руска хуманитарна организација.
Во тек е истрага за да се утврди дали имало пропусти во воздушната безбедност, а се прават разговори со техничкиот персонал задолжен за подготовка на авионот за полетување.
Падот на рускиот воен авион кој се сруши денес во Црно море би можел да биде предизвикан од техничка грешка или од грешка на екипажот, но не се верува дека се работи за тероризам затоа што со авионот управува војската.
Виктор Орезов, шеф на Одборот за одбрамбени прашања во горниот дом на рускиот парламент изјави дека потполно се исклучува тероризам како можна причина за несреќата.