Две лица загинаа, а пет се ранети во рускиот ракетен напад утринава врз градот Кривиј Рих, во централна Украина, соопшти Валентин Резниченко, шеф на воената регионална управа на областа Дњепропетровск.
Меѓу повредените има и две деца, кои се хоспитализирани.
Претходно денеска заменик-шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Кирил Тимошенко, изјави дека во Кривиј Рих, родниот град на претседателот, е погодена станбена зграда и дека под урнатините може да има жртви.
Големиот ракетен напад утринава врз Украина е последен во низата што руските сили ги покренаа во октомври со цел да ја уништат украинската електроенергетска мрежа.
Ваквите удари предизвикаа низа прекини во снабдувањето со струја, вода и парно, што е особено опасно за цивилното население во студените зимски месеци.
(Фото: Профимедиа)







