Украинските системи за воздушна одбрана се ангажираа рано утринава за да го одбијат рускиот воздушен напад на пристаништето Одеса, втора ноќ по ред.
Русија вчера ги нападна украинските пристаништа, еден ден откако се повлече од договорот со којшто му беше дозволено на Киев да извезува жито преку Црното Море.
„Не приоѓајте до прозорците, не пукајте и не откривајте ги позициите за противвоздушна одбрана“, им порача на жителите гувернерот на Одеса, Олех Кипер, на Телеграм.
Целиот источен дел на Украина беше во состојба на готовност поради воздушниот напад, кој започна денеска, нешто по полноќ.
Во други извештаи од боиштата, Москва и Киев вчера дадоа сосема различни извештаи за борбите во североисточна Украина.
Шест недели откако Украина започна контраофанзива на исток и југ, Русија подготвува сопствена копнена офанзива на североисток.
Москва вели дека украинскиот напад не успеал.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана изјави дека руските сили напредувале до два километри во правец на Купјанск, важен железнички центар во североисточниот регион Харков.
Но, заменичката на украинскиот министер за одбрана, Хана Малиар, рече дека иницијативата во таа област им припаѓа на украинските сили.
Таа истакна дека украинските сили постигнале нови успеси во близина на Бахмут на исток, област заземена од руските сили во мај после неколкумесечни борби.
Валери Шершен, портпарол на украинските трупи на јужниот фронт, извести за тешки борби околу Старомиорск.
„Постигнавме напредок на улиците“, изјави Шерсен за интернет станицата „Еспресо ТВ“, но тој исто така потврди дека украинските сили немаат целосна контрола врз местото.
Во извештаите на руското Министерство за одбрана се вели дека московските сили погодиле групи украински војници околу Старомиорск.
Откако Украина минатиот месец ја започна својата контраофанзива, нејзините сили, опремени со ново западно оружје и муниција вредна милијарди долари, уште не се обидоа да направат голем пробив низ добро одбранетите руски линии.
(Фото: Ројтерс)







