Иако за четирите оштетувања на гасоводот „Северен тек“, како и експлозијата што предизвика уривање на дел од мостот меѓу Крим и Русија, е многу едноставно да се заклучи дека се работи за диверзии поврзани со војната во Украина, сеуште е отворено прашање што се крие зад саботажата што го наруши железничкиот сообраќај во северна Германија овој викенд.
Нема сомнежи дека на две одделни локации, едната во Хохеншонхаузен, а другата во Херне, намерно се оштетени оптичките кабли од кои зависи многу прометниот железнички сообраќај во Германија. Тие две локации се оддалечени 550 километри, првата е североисточното предградие на Берлин, а втората е во западна Германија. Мала е можноста дека на толку голема оддалеченост намерно се оштетени важни кабли без координација и за иста цел на акцијата, односно предизвикување сообраќаен хаос.
Сеуште нема официјални заклучоци од германските истражители за позадината на саботажата на железничката инфраструктура. Дел од германските медиуми објавија дека властите веруваат дека зад инцидентот би можела да стои некоја држава, а портпаролот на германската полиција изјави дека не можат да исклучат „политичка мотивација“, иако истрагата, засега, оди во сите правци.
Претставникот на најсилната опозициска партија, Торстен Фреј, од Демохристијаните, нагласи дека истовремениот напад на критичната инфраструктура на две различни локации во Германија укажува на „висок степен на инсајдерски знаења“, како и на „ниво на организација што претходно не сме го виделе во овие форми“.
Размерите на сообраќајниот колапс во германскиот железнички транспорт предизвикан од саботажи во саботата утрото се многу големи: илјадници патници останаа заглавени на станиците во Берлин, Хамбург и Хановер поради откажаните линии, а огромни редици се формираа пред информативните бироа и билетарници од оние кои се обидуваа да добијат информации за алтернативни рути на патување, да ги променат билетите или за да им бидат вратени парите.
Дури во саботата вечерта во Германија станаа свесни за последиците од инцидентот откако Дојче Бан, државната компанија која, меѓу другото, управува со германските железници, информираше дека морале да ги прекинат сите услуги во северна Германија на три часа и тоа „поради саботажа на каблите неопходни за железничкиот сообраќај“.
Дојче Бан релативно брзо ги поправи каблите, но сообраќајниот хаос беше продолжен бидејќи сообраќајот во Германија е толку силен што секое непредвидено откажување предизвикува верижни реакции низ железничкиот систем.
Нема сомнеж дека предизвикувањето сообраќаен хаос во Германија било намерно. Министерот за транспорт, Волкер Висинг, вели дека нападот на железничката мрежа бил „злонамерен и насочен акт“ и дека каблите биле оштетени на „одлучен, намерен и пресметан“ начин.
Саботажата на оптичките кабли ја сруши таканаречената „он борд“ (вградена) безжична мрежа која железницата ја користи за мобилни комуникации помеѓу возовите и контролните центри, без која нема безбедно пружање на железнички услуги.
Прекинот на сообраќајот на северот на Германија ги зафати и долгите линии и локалните железници, како и некои меѓународни линии.

После подводните напади на „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, саботажата на железницата е уште еден показател за тоа колку е чувствителна германската инфраструктура. Шведските власти претходно објавија дека гасоводот е оштетен од експлозии, со што се потврдија сомнежите за саботажа со можна политичка позадина. По тој инцидент европските земји го зголемија бројот на воени патроли во областа на гасоводот.
Норвешките и данските нафтени работници кои работат во овие води пријавија голем број неидентификувани дронови во близина на платформите, што звучи вознемирувачки.
(Извор: „Јутарњи лист“ / Фото: „Гардијан“)








