Најдобро рангирана жена на листата на најбогатите луѓе на светот на американскиот магазин „Форбс“ е Лилијен Бетанкур, сопственик на акции во козметичката куќа „Лореал“, која го завзема 14 место со богатство од 39,5 милијарди долари.

Меѓу најбогатите 20 се најде уште една жена, Алис Волтон, ќерка на основачот на американски трговски ланец „Волмарт Сем Волтон“, пренесува агенцијата Франс прес.

Генерално гледано, на листата се рангирани 227 жени милијардери, од кои најголемиот број го наследиле богатството, но на неа се и петнаесет кои сами се збогатиле, главно од азиските земји, како што е Нгујен Ти Пуонг Тао, генерален директор на нискобуџетската авиокомпанија „ВиетЏет“.
На 23 место е основачот на „Алибаба“, Џек Ма, со богатство од 28,3 милијарди долари, инвеститорот Карл Ајкан е на 55 место со 16,6 милијарди долари, додека модниот дизајнер Џорџо Армани е на 215 место со 6,6 милијарди долари.
Бил Гејтс, сопственикот на „Мајкрософт“, повторни се најде на првото место на листата најбогати милијардери на светот, со богатство проценето на 86 милијарди долари, додека претседателот на САД, Доналд Трамп падна за повеќе од 200 места, пренесува АФП.







