Минатонеделните навестувања дека американската инфлација нема така лесно да се смири внесоа нервоза кај инвеститорите, па Волстрит втора недела по ред забележа корекција, навистина со поблаг интензитет.
Индексот СиП 500 (S&P 500) ослабе за 0,3 отсто, на 4.079 поени, иако од почетокот на годината и понатаму бележи раст од 6,2 отсто.
Американскиот индекс на потрошувачки цени забави во јануари на 6,4 отсто на годишно ниво, од декемвриските 6,5 отсто, но беше над очекувањата од 6,2 отсто.
На месечно ниво, инфлацијата се забрза на 0,5 отсто, од декемвриските 0,1 отсто, што исто така беше полошо од очекувањата, иако аналитичарите делумно овие послаби податоци делумно ги припишуваат и на сезонските фактори, како што е топлото време.
Големопродажните цени објавени на крајот на неделата дадоа уште попесимистички тон и укажаа дека ФЕД може да ги подигне каматите и повеќе отколку што се сегашните очекувања.
Индексот на производствените цени се зголеми за 0,7 отсто во споредба со декември, што е негов најголем скок од јуни, над пазарниот консензус од 0,4 отсто.
На корпоративен план постепено се приведува кон крај сезоната за објавување на кварталните резултати, и моментно се очекува дека компаниите од кошницата СиП 500 (S&P 500) би можеле да забележат пад на добивката во четвртиот квартал од речиси шест отсто.
Меѓу ретките позитивни изненадувања во изминатата недела беше и американската платформа за изнајмување сместување, АирБнБ (Airbnb), која објави одлични резултати во четвртото тримесечје, но и добри деловни очекувања за тековниот период.
Откако зад себе ја остави првата профитабилна година, раководството на „АирБнБ“ во тековниот квартал очекува раст на бројот на ноќевања од 20 отсто, што е блиску до стапката од претходниот квартал.
Оваа компанија, по избувнувањето на пандемијата, стана еден од најголемите добитници на промените во работењето и генералниот животен стил, па сè поголемиот дел од приходите го бележи од услуги во помалите места и рурални средини.
Акциите на „АирБнБ“, кои од почетокот на годината скокнаа над 40 проценти, после објавата на резултатите забележаа раст од дополнителни 13 отсто.
И покрај големиот скок на акциите на „АирБнБ“ на 131,6 долари, тие и понатаму се наоѓаат под нивото на нивното берзанско деби во декември 2020 година, кога се појавија на пазарот, после спроведената иницијална понуда на акции.







