Повеќе од стотина станбени подрачја ширум речиси илјада километри од северниот дел на Сирија се исчистени од терористи од почетокот на операцијата „Штит Еуфрат“, соопшти денес турската војска.
Во соопштението е наведено дека од почетокот на офанзивата, од крајот на август, во артилериски и ракетни напади се уништени вкупно 1.657 цели, односно места на екстремистичката организација Исламска држава, пренесува агенцијата Анадолија.
Опозициската Слободна сириска војска (ФСА) во саботата ја превзеде контролата над четири региони, а во судирите загинаа двајца борци на ФСА, а осум се ранети.
Турција кон крајот на август испрати тенкови и специјални сили со поддршка на САД во Сирија да им помогне на востаниците да го завземат Џараблус, најдобро чуваното место на Исламска држава, но и да ги протераат џихадистите од турско-сириската граница.