Фудбалерите на Сампдорија ја победија Болоња со 3:1. Болоња поведе во 18 минута со голот на Блерим Џемаили и таа предност ја чуваше се до последните десет минути од натпреварот.
Луис Муриел во 81 минута изедначи на 1:1 со погодок од единаесет метри, а само две минути подоцна, во 83-та, мрежата на гостите ја погоди и Патрик Шик, после асистенцијата од Филип Ѓуричиќ.
Конечниот резултат го постави играчот на Болоња, Ибрахим Мбаја, со автогол во 88-та минута.
Сампдорија после деветтата победа од почетокот на шампионатот се искачи на десетото место на табелата и има 33 бодови. Болоња падна на 15 позиција и има шест бодови помалку.
Фудбалерите на Сампдорија во следното 25 коло го дочекуваат Каљари, додека Болоња на свој терен игра против Интер.
Фудбалерите на Интер ја победија на свој терен екипата на Емполи со 2:0 во натпревар од 24 коло од Серија А. Интер ја забележа 14 победа од почетокот на сезоната и се искачи на четвртото место на табечата. Емполи и понатака е на 17 позиција со 22 бодови.
Предноста на Интер ја донесе Едер во 14 минута по асистенција на Родриго Паласио, а победата ја потврди Антонио Кандрева во 54-та минута.
Најмногу голови имаше на натпреварот меѓу Торино и Пескара. Конечниот резултат по 90-те минути игра беше 5:3.
Торино прашањето на победникот го реши веќе во првото полувреме со головите на Јаг Фалке, Арлиндо Ајети и Андре Белоти. Адем Љаиќ во 53-та минута зголеми на 4:0, а по него Белоти по втор пат се запиша во листата на стрелците осум минути подоцна.
Пескара до крајот на мечот, сепак, успеа да го ублажи поразот. Прво Ајети постигна автогол, а потоа Ахмад Бенали два пати прецизно стрелаше за конечни 5:3.
Торино е девети на табелата со 35 бодови. За екипата на Синиша Михајловиќ ова е прва победа после пет кола. Песката е последна со само девет освоени бодови.
Фудбалерите на Аталанта го победија Палермо на гости со 3:1, а со ист резултат на гостински терен славеше и Киево против Сасуоло.
Головите за Аталанта ги постигнаа Андреа Конти, Алехандро Гомес и Бриан Кристанте, додека единствениот гол за Палермо го постигна Иваило Чочев.
Сите три гола за Киево ги постигна Роберто Инглесе, а стрелец за Сасуоло беше Алесандро Матри.
Фудбалерите на Рома го победија на гости Кротоне со 2:0 во првиот неделен натпревар од 24 коло и така се вратија на второто место во италијанската Серија А.
Гостите од Рим имаа прилика да поведат во 17 минута, но најдобриот стрелен во лигата Един Џеко не беше прецизен од белата точка. Рома сепак успеа до крајот на првото полувреме да ја затресе мрежата на домашната екипа, а голот го постигна Раџа Наинголан во 40 минута.
„Волчицата“ во второто полувреме во потполност ја имаше иницијативата, а конечниот резултат го постави Един Џеко во 77 минута после асистенцијата на Мохамед Салах.
Римскиот клуб е втор на табелата од Серија А со 53 бодови, четири помалку од лидерот Јувентус кој има и еден натпревар помалку, додека Кротоне е 19 место со 13 бодови.












