Американските и бразилските парламентарци сакаат заеднички да ги истражат насилните протести во Бразилија
Американски и бразилски парламентарци бараат начини за соработка во истрагата за насилните протести што изминатиов викенд се случија во Бразилија, сакајќи да разменат лекции од истрагите за сличнот напад на американскиот Капитол.
Првите чекори се направени кога повеќе од 70 пратеници во двете земји вчера потпишаа заедничка изјава во која ги осудуваат „антидемократските“ сили кои преку политичко насилство се обидуваат да ги поништат неодамнешните избори.
Поддржувачите на поранешниот претседател Жаир Болсонаро во неделата ги опустошија бразилскиот Конгрес, Врховниот суд и претседателската палата, повикувајќи на воен удар за да се поништат изборите во октомври на кои победи претседателот Луис Инасио Лула да Силва.
Бени Томпсон, претседател на неодамна распуштениот одбор на Претставничкиот дом кој го истражуваше нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, е еден од пратениците чија канцеларија разговара за соработка.
„Исклучително сум горд на работата на комисијата и конечниот извештај за тој 6 јануари. Ако тој послужи како модел за слични истраги, ќе помогнам на кој било начин“, истакна Томпсон во пишаната изјава.
Претседателот на бразилскиот Сенат, Родриго Пачеко, исто така разговарал за идејата за таква размена со највисокиот американски дипломат во Бразилија.
Извор близок до Пачеко вели дека вршителот на должноста во американската амбасада, Даглас Конеф, бил наклонет кон идејата за споделување сознанија од истрагата за нападот на приврзаниците на тогашниот претседател Доналд Трамп на Капитол, во неуспешниот обид да се спречи Конгресот да ја потврди изборната победа на Џо Бајден.
Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, вчера рече дека Вашингтон не добил никакви конкретни барања од Бразил во врска со неодамнешното насилство во Бразилија, но дека ќе одговори „експедитивно“ доколку и кога ќе дојде барањето.
Група од 74 пратеници во Соединетите Американски Држави и Бразил вчера објавија заедничка изјава во која ги осудуваат политичките насилства во Бразилија и Вашингтон, кои се случија во разлика од две години и два дена.
Изјавата, која ја потпишале главно прогресивните пратеници во двете земји, беше артикулирана од „Вашингтон Бразил Офис“, група која промовира билатерален дијалог во одбрана на човековите права и одржливиот развој.
„Не е тајна дека ултрадесничарските агитатори во Бразил и САД ги координираат напорите“, напишаа тие, наведувајќи ги врските меѓу соработниците на Трамп и Болсонаро.
„Токму како што екстремните десничарски екстремисти ги координираат нивните напори за поткопување на демократијата, така ние мора да останеме обединети во нашите напори да ја заштитиме“, велат тие.
Во последниот извештај на Одборот за 6 јануари, објавен минатиот месец, се вели дека Трамп треба да се соочи со кривична пријава за поттикнување смртоносен бунт.
Во извештајот се наведени 17 конкретни наоди, се дискутираат правните импликации на постапките на поранешниот претседател и некои негови соработници и во него се вклучени кривични пријави против Трамп и други поединци во Министерството за правда.
(Фото: АФП / Извор: „Јутарњи“)







