Големо невреме со поројни дождови до 100 литри на метар квадратен, ја погоди Грција. Обилните врнежи го поплавија вториот крак на Халкидики.
Поплави има и на патиштата Лариса – Кожани и Ситонија, а најкритично е на вториот крак, во Торони, Порто Куфо и Тристиника.
Грчките власти наредија итна евакуација на населението во погодените подрачја, а според податоците на македонското МНР, меѓу нив нема македонски државјани.
Во конзулатот во Солун е примен повик од едно македонско семејство кое е на летување, но не се наоѓа во опасна ситуација.
Грчки медиуми објавија инсерти од поројни дождови, што ги зафатија меѓу останатите и Лепотокарија, Парајлија, Неа Врасна, Парга, Ханиоти, Пефкохори, Трикали и Торони.
Температурата во одделни места била околу 15 степени Целзиусови.
Во дел од градовите од одделни хотели се евакуирани туристи, меѓу кои и од хотел на Ситонија, каде денеска се евакуирани поради река, која се излеала од коритото и го поплавила целото подрачје.
Грчките медиуми јавуваат дека на патиштата во тој дел од државата има одрони и сообраќајот се одвива отежнато.
На социјалните мрежи објавени се фотографии од местото Торони, на кои се гледа како дел од градот е поплавен.
Во моментов во Солун е 18 степени, додека во Лариса е 17. Грчката агенција АНА-МПА објави дека облачно време и северен ветар се очекува и утре кога се можни и нови поројни дождови.







