Воените сили на Сирија соопштија дека ќе го намалат бомбардирањето на Алепо за да може цивилното население од бунтовничките делови на градот безбедно да се евакуира.
Соопштението е прочитано на државната телевизија после 16 дена воени напади на Алепо во кои загинаа преку 300 лица и се оштетени болници и водовод, наведува агенцијата АП.
Обединетите Нации објавија сателитски снимки на кои се гледа размерот на руско-сириското бомбардирање на Алепо, после прекинот на примирјето од пред две недели.
Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернст, рече дека фотографиите се „длабоко разочарување“, додавајќи дека е трагично што не се претерано изненадени од случувањата.
Бунтовниците и меѓународните набљудувачи ја обвинуваат сириската влада дека се обидува насилно да се раселат подрачјата кои не се лојални на претседателот Башар ел Асад.







