На Волстрит, вчера, првиот работен ден од новата година, значително паднаа индексите СиП 500 и Насдак, што главно беше резултат на остриот пад на цените на акциите на технолошките гиганти „Тесла“ и „Ејпл“.
Дау Џонс загуби 0,03 отсто, и дојде на 33.136 поени, додека СиП 500 се „лизна“ за 0,40 отсто, на 3.824 поени, а индексот Насдак загуби 0,76 отсто, и сега е на 10.386 поени.
Слабиот почеток на годината на најголемата светска берза во голема мера се должи на падот на цената на акцијата на „Тесла“ за 12 отсто, откако производителот на електрични автомобили објави пониски од очекуваните испораки во последниот квартал од минатата година.
Притисокот врз СиП 500 и Насдак последица е, исто така, од падот на цената на акциите на „Ејпл“ за 3,7 отсто, по написите во азиските медиуми за слабата побарувачка за „Ајфоните“ и намалувањето на производството во Кина.
Значително паднаа, во просек за 3,6 отсто, и цените на акциите во енергетскиот сектор, бидејќи поради стравувањата на трговците од слабеење на растот на економијата, а со тоа и на побарувачката, паднаа цените на нафтата.
Така, во првиот работен ден од новата година продолжи падот на цените на акциите, откако минатата година индексот СиП 500 потона за повеќе од 19 отсто, што беше негов најголем пад од светската финансиска криза во 2008 година.
Ова беше резултат на агресивните зголемувања на каматните стапки од страна на американската централна банка за да се запре инфлацијата, која во средината на годината го достигна највисокото ниво во последните 40 години.
Минатата година беше ужасна за берзата. Причините за тоа не исчезнаа само затоа што започна новата година. Инвеститорите и понатаму се загрижени за инфлацијата и зголемувањето на стапката на ФЕД. Сè додека ситуацијата не стане појасна, тешко е да се очекува значителен пораст на пазарот.
Инфлациските притисоци се намалија во последните месеци, што ја поддржува надежта дека ФЕД наскоро ќе го заврши циклусот на зголемување на каматите, но инвеститорите се плашат дека економијата оваа година ќе западне во рецесија, а дека каматите ќе останат високи подолго од очекуваното.
Затоа денеска во фокусот на инвеститорите ќе биде објавувањето на записникот од последниот минатогодишен состанок на ФЕД, што на инвеститорите би можело да им пружи нови насоки.
А, на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа втор ден по ред.
Лондонскиот ФТСЕ индекс порасна за 1,37 отсто, на 7.554 поени, франкфуртскиот ДАКС за 0,80 отсто, на 14.181 поен, а парискиот ЦАЦ за 0,44 отсто, на 6.623 поени.
(Фото: АФП)







