Словенечката телевизија „ПОП“ извести денеска дека агент на словенечката разузнувачка служба е уапсен во Македонија затоа што правел видео снимки со дрон во близина на резиденцијата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов на Охридското езеро.
Словенецот, чиј идентитет не се соопштува, на македонската полиција кога бил приведен кон средината на април, се претставил како агент на безбедносната разузнувачка служба на Словенија, идентификувајќи се со картичка за членство во НАТО, пренесува СТА.
Тој на полицајците им рекол дека бил во мисија во Наполи (Италија), а дека во Македонија пристигнал приватно, додавајќи дека дронот бил во негова приватна сопственост и дека со него управувал играјќи се со своето дете.
Според наводите на медиумите, македонската полиција веднаш го привела Словенецот, ги запленила неговите документи и дронот и го осомничила за шпионажа, а за целата работа го информирала Министерството за надворешни работи на Словенија.
Веднаш по добиените информации за случајот, официјални лица од словенечкото Министерство за одбрана контактирале со македонските власти после што Словенецот ги добил назад своите документи и дронот и бил ослободен со парична казна од 500 евра.
Тие ги уверувале безбедносните служби во државава дека нивниот работник не бил на тајна мисија во Македонија.
ТВ „ПОП“, повикувајќи се на извори од словенечкото Министерство за одбрана, информира дека словенечкиот „Џемс Бонд“ веднаш после ослободувањето ја напуштил Македонија.







