Словенечкиот премиер во заминување Миро Церар најави дека Љубљана следниот месец ќе поднесе тужба против официјален Загреб поради хрватско-словенечкиот граничен спор за непочитување на арбитражната одлука во Пиранскиот залив.
Словенија тужбата против Хрватска ќе ја поднесе пред Европскиот суд во Луксембург поради, како што наведе, фактот дека Загреб не сака да ја примени одлуката на меѓународната арбитража за прашањето за границата меѓу двете држави, пренесоа словенечките медиуми.
Станува збор за спор кој се појави уште од распадот на Југославија. Хрватска и Словенија уште не дефинирале поедини делови од границата на море и копно, а минатата година арбитражниот суд во Хаг пресуди дека на Словенија и припаѓа непречен пристап во меѓународните води во Јадранското море.
Овој спор најмногу влијае на рибарите на двете земји кои често парично се казнуваат поради илегално минување на границата на едната или другата земја.
Одлуката на судот во Хаг е конечна и обврзувачка, но Загреб одбива да ја примени затоа што Хрватска се повлече од арбитражниот процес во 2015 година, откако во јавноста се појави снимката која откри дека словенечкиот судија во Хаг во тој процес разменувал доверливи информации со властите во Љубљана.
Словенечкиот судија поднесе оставка, а процесот беше продолжен, со напомена дека овој инцидент „не ја компромитирал можноста за донесување на одлуката“.
Загреб со таквите тврдења не се сложи.
Словенија во март оваа година побара од Европската комисија да се изјасни по ова прашање, а вчера од Брисел стигнал одговор дека комисијата ќе остане воздржана.







