Некои земји и со почетокот на календарската пролет ќе имаат зимски температури, додека други ќе се борат со потенцијално опасни временски прилики во доцната пролет, се наведува во извештајот на Центарот за предвидување на климата во неговата пролетна временска прогноза за 2023 година.
Прогнозерите официјално објавија дека ниту „Ел Нињо“ ниту „Ла Ниња“ не се во тек.
Се очекува дека оваа неутрална фаза ќе трае од крајот на пролетта до почетокот на летото, а може да премине во „Ел Нињо“ во текот на летните месеци.
Ладен воздух, зимски услови и снег
Метеоролозите го зедоа тоа предвид кога ја направија временската прогноза за оваа пролет во Европа.
Тврдат дека од крајот на март до почетокот на јуни низ северна Европа ќе преовладува студен воздух, додека во источните делови ќе има благи временски услови, но на југ може да има бури.
Март би можел да донесе налети на зимско време, па дури и снег. Делови од Велика Британија, Скандинавија и алпскиот регион веројатно ќе се борат со снежни врнежи, додека многу делови од континентот ќе бидат под историскиот просек.
Временскиот феномен кој се нарекува ‘ненадејно стратосферско затоплување’ ќе игра голема улога во создавањето студени услови низ поголемиот дел од северна Европа во првата половина на март.
На секои неколку години доаѓа до тоа поради нарушувања во горните слоеви на Земјината атмосфера каде што се наоѓа поларниот вител – појасот на студени западни ветрови кои кружат околу поларните региони на Земјата. Повремено, може да има ослободување на ладен воздух кој претходно бил заробен во вителот, кој потоа многу брзо ќе се спушти од стратосферата на површината. Притоа доаѓа до големо зголемување на температурата во стратосферата.
Сепак, студеното време кое на почетокот на март преовладуваше на северот од континентот, со време ќе премине во поблаго, помирно време кое ќе продолжи во текот на целата рана пролет.
Нагло затоплување
Во април се очекува големо затоплување. Температурите низ Британија можат да се приближат до историските просеци до крајот на април, но синоптичарите веруваат дека тоа нема да биде постепено затоплување.
„Во Велика Британија и Ирска, температурите би можеле да бидат многу ниски до крајот на април, а потоа би можеле да се избалансираат и да бидат блиску до историскиот просек“, вели метеорологот, Тајлер Рос.
Опасноста од мраз и замрзнување во делови од Британија се очекува да се задржи до средината на април.
Можноста за снег оваа пролет ќе биде поголема во повисоките делови на Шкотска, Англија и Велс, додека во низините ќе има помали шанси за зимски врнежи.
Проблеми со суша, но и бури и поплави
Во март во Велика Британија, Ирска и делови од Франција може да има проблеми поврзани со сушата.
И во февруари е забележан значителен недостаток на дожд низ Британија: Англија го забележа најсушниот февруари во последните 30 години.
Од друга страна, некои од синоптичарите се загрижени поради можноста од поплави во Италија и на Балканот.
Имено, тие предвидуваат невреме и зголемување на количината на пролетни врнежи во јужните и централните делови на Европа.
„Со оглед на тоа дека Средоземното Море е топло, бурите би можеле да доведат до дополнителна влага, што би го зголемило ризикот од поплави.
Ова е особено загрижувачко за западните падини на Апенините и Динарските планини, велат временските прогнозери.
Пролетните врнежи и дождови ќе бидат добредојдени и од корист во алпскиот регион за да помогнат во обновувањето на нивото на реките кое е резултат на потпросечните зимски врнежи. Синоптичарите велат дека снежните наноси во поголемиот дел од швајцарските, австриските и италијанските Алпи се 60-70 отсто под вообичаените количини за почетокот на март.
Недостатокот на снег на италијанските Алпи ќе игра значајна улога во создавањето на соодветните нивоа на водостојот во реките во текот на оваа пролет.
Топењето на снегот од италијанските Алпи секоја година помага да се ублажат проблемите со наводнувањето во долината на реката По, која се влева во Јадранското Море во близина на Венеција.
Во Италија, приливот на дожд во првиот дел од пролетта може да доведе и до зголемен ризик од тешки временски услови како што се опасни ветрови, град и поројни поплави.
Сепак, дождовите можат да бидат корисни за краткорочната суша што е во тек низ целиот регион.
Како што се зголемуваат температурите, расте и опасноста од временски непогоди.
Бидејќи ефектите од ненадејното стратосферско затоплување постепено ќе слабеат низ северозападна Европа до крајот на март, трендот на високиот притисок на воздухот може во тој регион да доведе до посушни и потопли услови.
Сепак, и понатаму се можни врнежливи периоди, заради што синоптичарите сметаат дека вкупните количини врнежи оваа пролет би можеле да бидат блиску до историскиот просек.
Температурите постепено ќе се растат од Франција до Полска со текот на пролетта.
На почетокот и средината на март во делови од Франција веќе беснееја силни грмотевици, што резултираше со торнадо кое ја погоди областа Понтарион.
Опасноста од временските неприлики оваа пролет е особено висока во Германија и Полска, истакнуваат синоптичарите, како и во соседните подрачја северно и источно од алпските региони.







