На дневен ред на Собранието на Република Македонија денеска се продолженија на три седници меѓу кои и на шестата, на која се очекува да се гласа за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.
Вчера и официјално заврши расправата по оваа точка.
Според најавата на интернет-страницата на Собранието, пратениците прво ќе заседаваат по преостанати точки од осмата седница на која на дневен ред е Предлог-одлуката за именување на функцијата заменици на генералниот секретар на Собранието на Република Македонија.
Меѓу точките на оваа седница се и повеќе предлог-закони поднесени од пратеници од опозицијата за измени и дополнувања на на Кривичниот законик, на Законот за извршување, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за јавното обвинителство, дополнувањата на Законот за исплата на платите во Република Македонија, како и Предлог на Закон за докторска дејност, сите во прво читање.
Дел од дневниот ред на оваа седница се и годишните извештаи за работата на повеќе агенции, како и Годишниот извештај за работата на Советот на јавните обвинители на Република Македонија за 2016 година.
Во рамки на шестата седница треба да се гласа за разрешување на државниот јавен обвинител Зврлевски откако вчера заврши расправата по оваа точка.
Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата и го нарушил нејзиниот углед, стои, меѓу другото, во предлог-текстот.
На дневен ред на 6. седница се над 30 точки, меѓу кои Годишниот извештај на Народниот правобранител за почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права, информацијата за состојбата со дивата депонија во Струга, годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика, финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2017 година, предлог-одлуката за одобрување на Финансискиот план на Македонската радио телевизија за 2017 година, предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2017 година.
Извештајот за работата на Агенцијата за администрација е единствена преостаната точка на петтата собраниска седница, чие продолжение исто така треба да се одржи денеска.







