Во Собранието на Република Македонија, денеска пратениците ќе расправаат за предлогот на Владата, Љубомир Јовески треба да биде именуван за нов државен јавен обвинител.
Владата на 7 ноември му предложи на Собранието за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.
На огласот што го распиша Владата на 14 септември за државен јавен обвинител се пријавија 23 кандидати. По пријавувањето на кандидатите, Советот на јавните обвинители, на барање на Владата, и достави образложено мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите. Мислењето на Советот е обврзувачко за Владата, која пак предложените кандидати ги доставува до Собранието.
Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во облата на извршување на кривичните санкции.
За именување на јавен обвинител Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.
Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.







