Во Собранието на Република Македонија ќе биде отворена женска соба по примерот на Шведскиот парламент.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на одбележувањето на 15 години од основањето на Клубот на пратеничките во Парламентот рече дека ќе започне со реализација на проект за чување и промоција на придонесот на жените пратенички и носители на функции во Собранието и работните тела.
„Тоа ќе биде еден скромен, но значаен придонес и оддавање признание за улогата на жените политичари во Собранието на РМ, и тоа ќе овозможи институцинална меморија за идните генерации, рече Џафери.
Во изминатите 15 години, Клубот на пратенички иницираше низа законски решенија за постигнување на родова еднаквост и унапредување на правата на жените, нивното активно вклучување во процесот на одлучување на државата, како и зајакнувањето и ширењето на демократијата во сите сфери на општеството на Македонија.
Во Собранието на Република Македонија има 45 жени пратенички, односно 39 отсто. Координаторката на Клубот на пратеничките Ѓулумсер Касапи посочи дека Клубот во соработка со Комисијата за еднакви можности иницирале заедничка декларација за поголем број жени во извршната власт и жени градоначалнички. Деталите за оваа инцијатива допрва треба да се уредуваат, но таа има поддршка од пратеничките од сите парламентарни групи.
Генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, која како поранешна пратеничка е една од основачките на Клубот, кажа дека уште многу треба да се работи на унапредување на правата на жените.
„Нам не ни требаат парфеми и подароци за 8 март туку придонес и поддршка, кажа Иванова.
На настанот присуствуваат и пратеничките од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, претставници на невладиниот сектор, дипломатскиот кор и ОН и други.
Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека и покрај тоа што можеби ним како пратенички од партија што не учествува во работата на Парламентот некој ќе им забележи што дошле на седницата, тие решиле да ја дадат поддршката на жените и да присуствуваат на одбележувањето. Повика сите во своите партии да се залагаат за решенијата што ќе го подобрат статусот на жените воопшто.
Клубот на пратенички е неформална група во Собранието составена од сите пратенички независно на која пратеничка група припаѓаат. Формиран е во март 2003 година во рамии на регионалниот проект Пактот за стабилност-Маса за родова рамноправност, со помош на локалните партнери во Македонското женско лоби, СОЖМ и Одделението за унапредување на рамноправноста меѓу половите при МТСП.
Клубот во изминатите 15 години имаше поддршка од НДИ, УНДП, UN Women, Македонското женско лоби, Националниот совет за родова рамноправност и други организации.







