Повеќе од 14.000 тркачи се натпреваруваа на денешниот, 33-то по ред, маратон во Хамбург, Германија. Етиопјаните постигнаа троен успех. По истрчани 42.195 километри низ градот прв беше Соломон Дексиса со време од 2:06:34 часа, пред своите сонародници Таду Абате (2:06:54) и Ајеле Ашхеро (2:07:19).
Неколкукратниот победник на овој маратон Емануел Мутаи од Кенија денеска не се прослави. Мутаи беше деветти о време од 2:11:57.
И покрај убавото време и одличните услови и брзата трка, целниот рекорд од 2:05:30 часа не беше соборен.

„Ова беше многу убаво натпреварување и мило ми е што победив“, рече Дексиса по неговата прва победа на еден голем маратон. Победникот, рече, бил решен меѓу 37 и 38 километар кога направил извесна разлика од Абате и Ашхеро.
Шитае Еше од Бахреин ја освои женската трка со време од 2:24:51 часа, пред Бирк Дебеле од Етиопија која патеката ја мина за 2:25:28 часа и Мими Белете од Бахреин чие време беше 2:26:06 часа.

На денешниот маратон два тркачи беа реанимирани. Лекарските тимови интервенираа веднаш по пристигнувањето на целта на натпреварувачите по што тие, по првично укажаната помош беа префрлени во болница.
Повеќе од 14.000 тркачи учествуваа на традиционалниот голем маратон во Хамбург. Заедно со полу-маратонците и студентите, кои трчаа еден ден пред тоа, во саботата, регистрирани се вкупно 33.183 учесници.
Според организаторите, на патеката имало околу 700.000 гледачи.













