Министерството за внатрешни работи е подготвено да делува врз основа на одлуките на судовите 24 часа и кога ќе ги добие сигурно ќе постапи во однос на нив, изјави денеска министерот Оливер Спасовски во однос на решенијата за притвор за обвинетите од СЈО.
„Дали додека се чека притвор може да се влијае врз сведоци, е прашање кое треба да го упатите до Судот. Судот ги цени фактите и аргументите во однос на оправданоста и неоправданоста за изрекување на која било мерка на претпазливост.
„Тоа не е работа ниту на министерот, ниту на МВР. Ние штом ќе ги добиеме одлуките ќе постапуваме врз основа на нив“ – изјави Спасовски.
Досега СЈО обвини 9-мина припадници на МВР и сите добија судски мерки за одземање пасош и пријавување во суд до притвор. Меѓу оние кои останаа без пасош е и Сашо Мијалков. Иако е обвинет, тој сè уште користи обезбедување од државата, а обезбедување има и поранешниот директор на Бирото за за јавна безбедност, Митко Чавков.
„Мијалков и Чавков имаат решение за полициско обезбедување од четири, односно шест полициски службеници во времетраење направено врз основа на проценките направени од Управата за безбедност и контраразузнавање, одговори Спасовски на новинарско прашање.
Во однос на барањето на поранешниот премиер Никола Груевски за одобрување на повеќе телохранители, Спасовски рече дека добил барање за дополнителни 20 луѓе, и тоа барање е процесуирано од Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање.







