Најголемата полска воена парада од Студената војна досега се одржа вчера во Варшава, на која членката на НАТО ја покажа својата воена моќ за која владата се надева дека ќе биде порака и до Москва и до гласачите пред изборите во октомври.
Руската инвазија на Украина јакнењето на вооружените сили го направи приоритет на полската владејачка партија Право и правда (ПиС), а додека изборната кампања е во полн ек, демонстрацијата на воена сила е можност да се зголеми довербата во владата кога е во прашање одбраната.
Во парадата, која се одржа на 103-годишнината од победата на Полска над Советскиот Сојуз, учествуваа 2.000 војници од Полска и други членки на НАТО, заедно со 92 авиони и 200 парчиња различно оружје и воена опрема.

„15 август не е само можност да им се оддаде почит на хероите од битката за Варшава и да им се заблагодариме на сегашните војници што ја бранат нашата татковина“, рече министерот за одбрана Мариуш Блашчак пред војниците и граѓаните собрани покрај Висла.
„Тоа е и совршена можност да ја покажеме силата, да ги покажеме моќните вооружени сили кои без двоумење ќе ги бранат нашите граници“, додаде тој.
На парадата можеа да се видат тенковите „М1А1 Абрамс“, купени од Соединетите Американски Држави, јужнокорејските тенкови „К2“ и самоодните хаубици „К9“, и ракетни фрлачи „ХИМАРС“ и системите за противвоздушна одбрана „Патриот“.

Полска произведува пешадиски борбени возила „Борсук“ и оклопни транспортери „Росомак“, кои, исто така, учествуваа на парадата.
ПиС, која е на власт од 2015 година, тврди дека парадата ќе покаже дека ја обновува армијата после повеќе години недоволно вложување од претходната влада.
Партијата вети дека ќе ја удвои големината на војската и дека оваа година на одбраната ќе потроши околу четири отсто од бруто домашниот производ.
Меѓутоа, опозициските пратеници во полскиот парламент тврдат дека владата ја користи армијата за своја политичка корист.
„Користењето на полската армија заради предизборна агитација е срам за ПиС. ‘Не“ за политизацијата на армијата!“ напиша на социјалните мрежи Михал Шчерба, претставник на најголемата опозициска партија Граѓанска платформа.
ПиС сè уште е најсилната партија според повеќето анкети, но нејзината предност е тесна и тешко дека ќе освои мнозинство.
Парламентарните избори во Полска се на 15 октомври, а во исто време со нив во земјата ќе се одржат и неколку референдуми.
(Фото: АФП / Војтек Радвански-Бенјамин Фурст)







