Боксерската легенда на некогашна Југославија, Сретен Мирковиќ, почина денес во Општата болница во Пожаревац, на педесет и осумгодишна возраст, после долга и тешка болест. Овој славен и ценет спортист зад себе имаше 500 борби, од кои дури 300 ги заврши пред време – со нокаут на противникот.
Постарите генерации го паметат како еден од најдобрите боксери, меѓу кои беа и Мате Парлов, Марјан Бенеш, Звонко Вуин, Мемет Богујевци, браќата Слободан и Тадија Качар…
Првите успеси Мирковиќ ги имал во БК Млади радник во Пожаревац, во кој се доселил после родната Приштина, Врбас и Призрен. Кариерата ја продолжил во Смедерево, во истоимениот клуб со кој извесно време се натпреварува во Првата лига. Последните два меча ги имаше во 1996 година, во Горњи Милановац и Трстеник, и во двата победи со нокаут.
Овој успешен спортист кој настапуваше и за белградски Партизан кариерата ја почна во полувелтер категорија, до 63,5 килограми, а ја заврши во средна, до 75 килограми.
Покрај среброто на ЕП во Келн во 1979 година, Мирковиќ истата година во Пула е прогласен за најдобар спортист на Југославија. Беше двоен јуниорски првак на Балканот и двоен јуниорски првак на Југославија.
Мирковиќ е освојувач на двата некогаш најпрестижни боксерски турнири „Златна ракавица“ и „Белградски победник“.