САД издадоа наредба за делумна евакуација на својата амбасада во Нигер по минатонеделниот државен удар, а Велика Британија денеска соопшти дека привремено ќе го намали бројот на персоналот на амбасадата во Нијамеј, поради безбедносната ситуација, пишува Би-Би-Си.
Стотици странски државјани веќе се евакуирани од земјата, а во неделата демонстранти ја нападнаа француската амбасада.
Водачот на пучот, генерал Абдурахамане Тчиани, предупреди дека е против сечие „какво било мешање во внатрешните работи“ на земјата.
Нигер е значаен производител на ураниум и се наоѓа на клучна миграциска рута кон Северна Африка и Медитеранот.
Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, разговараше вчера со соборениот претседател Мохамед Базум, соопшти Стејт департментот, додавајќи дека САД се посветени на враќање на демократски избраната влада на Нигер.
Портпаролот Метју Милер изјави декам и покрај делумната евакуација, амбасадата на земјата во главниот град Ниамеј ќе остане отворена.
„Остануваме посветени на народот на Нигер и на нашиот однос со народот на Нигер и ќе продолжиме да бидеме дипломатски ангажирани на највисоко ниво“, рече тој.
Британската амбасада во главниот град на Нигер, Нијамеј, привремено ќе го намали персоналот поради безбедносната ситуација, соопшти Форин Офисот.
„Групата што ги организираше протестите на 30 јули (М62) повика на нови протести во четврток, 3 август, Денот на независноста на Нигер. Протестите може да бидат насилни и ситуацијата може брзо да се промени без предупредување“.
Воените команданти од Ековас се состанаа во Нигерија во средата за да разговараат за можна воена интервенција, иако тие рекоа дека таквата акција ќе биде „последно решение“.
Генералот Тчиани, поранешен шеф на претседателската гарда на Базум, ја презеде власта на 26 јули, велејќи дека сака да го спречи „постепениот и неизбежното пропаѓање“ на Нигер.
Државниот удар предизвика големи демонстрации против Франција, а во корист на Русија, чие влијание во Западна и Централна Африка се зголеми во последните години.
Во средата 262 лица пристигнаа во Париз со летови за евакуација организирани од француската влада. Авион со 87 патници, чиј лет, пак, го организираше владата на Италија, слета во Рим.
Нигер, каде што и Франција и САД имаат воени бази, е клучен западен сојузник во борбата против џихадистичкиот екстремизам во Сахел.
(Фото: Си-Ен-Ен)







