Владата на Папуа Нова Гвинеја денеска ги информираше Обединетите нации дека во голем одрон се затрупани повеќе од 2.000 луѓе. Така барем пишува во копија од писмото до кое дојде АФП. До вчера се информираше за бројката од 670 загинати во одроните, но уште од самиот почеток се стравуваше дека таа бројка е значително поголема.
„Свлечиштето затрупа повеќе од 2.000 луѓе и предизвика големо разурнување“, соопшти националниот центар за катастрофи во главниот град Порт Морзби.
Оддалеченото ридско село во провинцијата Енга практично е избришано од лицето на земјата кога дел од планината Мунгало се сруши во петокот, затрупајќи многу куќи.
Одронот предизвика огромни штети кои допрва ќе треба да се пресметаат.
Главниот пат до рудникот Поргера бил целосно блокиран, стои во писмото што претставници на ОН го добиле утринава.
„Ситуацијата и понатаму е нестабилна затоа што свлечиштето продолжува бавно да се движи, што претставува постојана опасност и за спасувачките тимови и за преживеаните.“
Тие ги повикаа ОН за размерот на катастрофата да ги информираат „меѓународните пријатели и развојните партнери“, за што поскоро да се тргне во решавање на проблемот, а помошта ќе биде координирана преку центарот за катастрофи, наведоа тие.
(Фото: Мохамуд Омер / АФП)







