Министерот за здравство Арбен Таравари денеска се сретна со директорката на Универзитетската Клиника за гинекологија и акуштерство Викторија Јовановска, со цел да се разгледа случајот со трите починати новороденчиња.
Директорката Јовановска и раководителот на интензивна нега на средбата константирале дека станува збор за прва бременoст на пациентката со IVF оплодување и степен на ризик поради гестациски дијабетес третиран со инсулин, како и преегзистенцијална хипертензија со подврзување на грлото на матката, соопшти Министертвото за здравство.
Пациентката претходно трипати била хоспитализирана во Клиничката болница во Тетово поради гинеколошко крварење.
„ Со оглед на приемната дијагноза на прснат воденик и излезена папочна врвца, во интерес на новороденичињата, како и во функција на здравјето на мајката, бременоста била завршена оперативно со царски рез.
По породувањето, новороденчињата се прифатени од педијатар и акушерка во операциска сала, при што е спроведена примарна реанимација и се ставени во инкубатор и транспортирани на Одделение за интензивна неонатална нега и терапија – стои во соопшението.
Од Министерството за здравство велат дека со ова, комплетно се демантираат тврдењата од некои медиуми дека смртта на новороденчињата е поврзана со недостиг од соодветна опрема, односно инкубатори на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Согласно со информациите од Клиниката, по породувањето на секое од новороденчињата е спроведена ендотрахеална интубација, воспоставена активна венска линија и била дадена терапија по протокол и ординарана трансфузија со албумини.
Од Клиниката тврдат дека со родителите е разговарано во неколку наврати и објаснета им била состојбата на новороденчињата, третманот како и можните шанси за преживување.
И покрај сите напори и дадената терапија, новороденчињата, за жал, починале следниот ден, се наведува во соопштението.
Од Министерството информираат дека Таравари во текот на денот ќе се сретне со родителите на починатите новороденчиња, како и со целокупниот персонал што бил задолжен за грижа и нега на новороденчињата.
„ Напоменуваме дека, доколку извештајот од комисиите констатира неправилности во третманот на новороденчињата, веднаш ќе бидат преземени соодветни, законски мерки.
„Министерството за здравство посебно ќе се насочи кон унапредување на условите за третман, посебно на предвремено родените новороденчиња, вложувајќи во најсовремена опрема и стручна надградба на персоналост – се вели во соопштението.







