Тајфунот „Хаикуи“ го зафати Тајван со обилни дождови и силни ветрови, оставајќи најмалку 226.000 домаќинства без струја и многу повредени, соопштија властите.
Според тајванскиот Оперативен центар за итни операции, Хаикуи поминал птрку јужниот дел на Тајван и влегол во Тајванскиот теснец рано утринава.
Ослабената бура продолжи кон јужните делови на Кина.
Силните ветришта корнеле дрва во источниот и јужниот дел на Тајван и го прекинаа снабдувањето со струја.
Вчера ветрот достигна максимални брзина од околу 150 километри на час со удари до околу 190 километри на час.
Невремето предизвика и лизгање на земјиште и поплави.
Министерот за внатрешни работи, Лин Ју-Чанг, кој е на чело на Центарот за итни операции, утринава ги повика жителите да останат во состојба на готовност заради можните катастрофални поплави во некои планински области каде што падна силен дожд во последните четири дена.
Според официјални информации од Центарот, најмалку 78 лица се повредени во сообраќајни несреќи, вклучувајќи возачи на скутери и возачи на автомобили кои биле погодени од паднати дрва.
Најмалку 226.000 домаќинства на островот останаа без струја.
Околу 8.000 жители се евакуирани, а 1.916 луѓе се сместени во јавни засолништа за време на преминувањето на „Хаикуи“.
Невремето ќе продолжи да влијае на времето во Тајван до утре изутрина, за кога се очекува укинување на предупредувањата за тајфунот.
(Фото: Архива)







