Најмалку шест луѓе се убиени вчеравечер во нападот на Лондонскиот мост, кој го извршиле три лица убиени потоа во пресметката со полицијата.
Двајца од ранетите се француски државјани, од кои едно лице има тешки повреди.
Напаѓачите влетале со возило меѓу пешаците на мостот, а потоа со ножеви ги нападнале луѓето на подрачјето кај пазарот Бороу.
Според наводите на лондонската Итна медицинска служба, повеќе од 30 ранети биле примени во пет болници ширум британската престолнина, а на полесно повредените помош им била пружена на лице место.
„Вооружени полицајци многу бргу и храбро реагираа и се судрија со тројцата осомничени мажи кои се застрелани и убиени на пазарот Бороу. За жал, покрај тоа починаа уште шест луѓе“, изјави шефот на британските антитерористички единици Марк Роули.
Тој наведе дека „полицајците ги застрелале осомничените осум минути после првиот примен повик за помош“, како и тоа дека „осомничените носеле нешто налик на елеци со експлозив за кои подоцна било утврдено дека се лажни“.
Властите преку Твитер објавија дека во текот на ноќта три лондонски болници биле блокирани за „пациентите, роднините на ранетите и медицинскиот персонал да бидат безбедни“.
Лондонската полиција соопшти дека инцидентите на Лондонскиот мост и пазарот Бороу се прогласени за терористички напади, додека третиот инцидент кој што се случи во делот на градот наречен Вокшол со нив не е поврзан.
Полицијата наведува дека во третиот инцидент станува збор за прободување со нож, но случајот не се доведува во врска со тероризам.
Би-Би-Си наведува дека приврзаниците на Исламска држава на социјалните мрежи ги поздравиле синоќешните напади, но сеуште никој не ја превзеде одговорноста за нив.
Весникот „Дејли мејл“ на својот интернет портал објави видео снимка на која се гледа новинарот Џеф Хо кој е повреден во терористичкиот напад. Претходно неговите пријатели ставија негова фотографија на Твитер со молба да им се помогне во потрагата по исчезнатиот пријател на подрачјето кај пазарот Бороу.
На снимката се гледа како тој, тетеравејќи се, оди кон возило за Итна медицинска помош во придружба на лекар. Човекот го покрива вратот со маица, а градите, стомакот и панталоните му се прекриени со крв.
Очевидец: Комбето одеше директно на пешаците
Марк Робертс, очевидец кој што се најде на Лондонскиот мост во текот на нападот, изјави дека делувало како комбето да оди директно на пешаците.
„Возилото газеше се пред себе. Одеше кон мене. Се скаменив, не знаев што да правам. Беше страшно. Размислував: Каде да трчам за да побегнам?“, вели 53-годишниот Робертс.
Тој рече дека во тој момент помислил дека „одново се случува вестминистерски напад“.
„Видов шест лица лежат на земја и не се помрднуваат, а околу нив група луѓе кои им помагаа. После тоа случнав нешто што ми личеше на истрел од правец на пазарот Бороу“.
Меркел: Одлучно со Британија
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека Германија „одлучно е на страната на Британија“ после синоќешниот напад во Лондон.
„Денес сме обединети преку границата со чувство на ужас и тага, но исто така и во одлучноста. Што се однесува до Германија, повторувам дека во борбата против сите облици на тероризам одлучно сме на страната на Британија“, порача Меркел.
Меј: Инцидентот во Лондон е потенцијален акт на тероризам
Британската премиерка Тереза Меј изјави дека инцидентот во Лондон се третира како потенцијален акт на тероризам.
„После новите информации добиени од полицијата и безбедносните служби, можам да потврдам дека гнасниот инцидент во лондон се третира како потенцијален акт на тероризам“, рече Меј, на само нешто повеќе од четири дена од изборите закажани за 8 јуни.
„Ова е истрага која брзо се движи“, додаде Меј.
„Сакам да изразам огромна благодарност на полицијата и службите за итни интервенции. Нашите мисли се оние кои се најдоа среде овие ужасни случувања“, изјави британската премиерка.
Таа денес ќе претседава со состанокот на владиниот безбедносен комитет „Кобра“.
Кан: Намерен и кукавички напад
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави утринава дека нападот во центарот на британската престолнина бил „намерен и кукавички“, како и тоа дека денес ќе има состанок посветен на безбедноста со премиерката Тереза Меј.
„Сеуште не ги знаеме сите детали, но ова е намерен и кукавички напад врз невини жители на Лондон и туристи. Најсилно го осудувам. Не постои какво било оправдување за вакво нешто“, рече Кан.
Трамп: Со вас сме, забраната за патување е потребна!
Претседателот на САД, Доналд Трамп, преку Твитер ги искоментира синоќешните случувања во Лондон, искажувајќи солидарност со жителите на британската престолнина, а истовремено ја промовираше сопствената Уредба за забрана за патување со авион од одделни муслимански држави како дополнителна мерка која ги штити Американците.
„Што и да можеме да сториме за да му помогнеме на Лондон и Обединетото кралство, ќе бидеме тука. Бог да ве благослови“, напиша Трамп на оваа социјална мрежа.
Тој наведе и дека „мораме да бидеме паметни, внимателни и силни“.
„Судовите мораат да ни ги вратат нашите права. Потребна ни е Уредба за забрана за патување како дополнителна мерка за безбедност“, порача првиот човек на Белата куќа.
Ројтерс наведува дека Трамп овој твит го напишал откако упатил итно барање до американскиот Врховен суд оваа инситуција да ја врати на сила неговата извршна уредба за забрана на влез во САД на луѓе од шест земји со мнозинство муслиманско население, а која ја блокираа повеќе „пониски“ судови.












