Фудбалската репреземнтација на Белгија се пласираше во полуфиналето на Светското првенство, откако вечерва во Казањ со 2:1 го победи Бразил.
Белгија поведе со автоголот на Фернандињо во 13-та, а на 2:0 зголеми Кевин Де Брујне во 31 минута. Конечниот резултат го постави Ренато Аугусто во 76 минута.
Екипата на Роберто Мартинес во полуфиналето на 10 јули ќе игра против Франција која претходно со 2:0 го победи Уругвај.
Двете екипи во натпреварот кој го судеше Милорад Мажиќ влегоа во високо темпо, а прва вистинска прилика имаше Тијаго Силва во осмата минута кога после корнерот ја погоди стативата.
Пет минути подоцна Белгија поведе со 1:0 после корнерот од десна страна кој го изведе Еден Азар, а на првата статива топката ја закачи Венсан Компани, а потоа таа го погоди Фернандињо и го изненади Алисон.
Белгија продолжи со исто ритам, ја контролираше состојбата на теренот, а после еден контранапад Ромел Лукаку го проигра Де Бруне, кој со силен удар од околу 18 метри зголеми на 2:0.
Во второто полувреме Бразил имаше потполна иницијатива, а Белгија главно чекаше прилика од контранапад. „Кариоките“ во 76 минута го намалија резултатот, а стрелец по нафрлувањето на Филипе Кутињо од левата страна беше Ренато Аугусто.
Бразил после тоа имаше уште три изгледни прилики, преку Аугусто и Кутињо, како и преку Нејмар, но топката два пати заврши покрај голот, а еднаш, во судиското продолжение, Тибо Куртоа се истакна со одлична парада.







