Пратениците во Европскиот парламент во Стразбур денеска беа предупредени да не пијат вода од шишињата што се делат, откако на повеќемина им се влошила здравствената состојба. Со оглед на симптомите што се појавиле кај пратениците постои сомневање за труење.
„Не пијте вода од шишињата во просториите на ЕП во Стразбур“, се вели во итната СМС порака испратена до илјадници политичари и вработени.
„Известени се националните власти. Во тек се проверки“, стои исто така во пораката.
Вода во шишиња била поделена и во просториите на Претседателството на Европскиот парламент, дел од гостите добиле сомнителна вода.
Се проверува секоја можност, вклучително и тоа дека можеби се работи за саботажа.
„Во 12.40 часот прво сите беа информирани преку СМС порака, а во 13.15 часот добија официјално известување со кое тоа се потврдува. Неофицијално, од почетокот на војната во Украина воведени се дегустатори на храна и пијалоци. Сите вработени во ЕП претходно веќе се предупредени дека ја зголемат нивната будност за време на празниците затоа што Европската унија би можела да биде цел на напад“, неофицијално дознава хрватската Нова ТВ.
(Фото: Макфакс)







