Бразил истражува случај на говедска спонгиформна енцефалопатија (БСЕ) кај деветгодишен мажјак.
Откривањето на случајот предизвика самонаметната забрана за продажба на бразилско говедско месо во Кина. И Русија, Тајланд, Иран и Јордан времено го прекинаа увозот на говедско месо од Бразил додека властите го истражуваат случај.
Животното е убиено, а сега се чекаат тестови за да се утврди дали ја развило класичната форма на болеста или се работи за нетипичен случај, кој се јавува спонтано кај сите популации на говеда и не зависи од внесот на храна контаминирана со протеински честички – приони.
Класичната БСЕ е сериозна болест бидејќи вклучува контаминација со прион протеин и, доколку се потврди, може да предизвика подолготрајна и поширока забрана за трговија.
За прекинот на извозот на говедско месо информираше локалниот весник „Валор економика“, во чиј текст се наведува дека забраната стапила во сила во средата и се однесува на живи животни, свежо и преработено месо и нуспроизводи.
Засега ниту една владина институција во Бразил не дава одговор на прашањето дали и кога ќе бидат познати резултатите од испитувањата.







