Жената која го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека ја силувал пред повеќе од 23 години во една продавница во Њујорк поднесе тужба против него заради неговите изјави во јуни во кои негираше дека ја нападнал.
И. Џин Керол (E. Jean Caroll), долгогодишна колумнистка на магазинот Ел (Elle), навела во тужбата поднесена до судот на њујоршки Менхетен, дека Трамп лажел кога тврдел дека не ја нападнал и ги довел во прашање нејзиниот „интегритет, чесност и достоинство“ со своето своето објаснување зошто излегла во јавност со приказната за тој инцидент.
Како што пренесува Ројтерс, Белата куќа не одговори на барањето за коментар.
Портпаролката на Белата куќа. Стефани Гришам, им изјавила на „Вашингтон пост“ дека „тужбата е бесмислена и приказната е измама – токму како што е и авторката“.
Џин Керол приказната за наводното силување во продавницата „Бергдорф Гудмен“ на њујоршката Петта авенија, за кое тврди дека се случило меѓу есента 1995-та и пролетта 1996-та, објави во магазинот „Њујорк“ во јуни годинава, како исечок иод нејзините мемоари кои ќе бидат објавени следниот месец.
Трамп тогаш соопшти дека не ја силувал и дека никогаш не ја сретнал. Тој ја обвини дека лаже и дека тоа го направила за да ја поттикне продажбата на својата книга.
Уште десет жени го обвинија Трамп дека сексуално ги злоставувал, а тој пак негира дека се случило било што.







