Сомалиската влада соопшти дека е убиен еден од основачите на исламистичката милитантна група „Ал Шабаб“, Абдула Надир, во операција спроведена во соработка со меѓународни партнери, пренесе „Ројтерс“.
Сомалискиот министер за информации, Осман Абукар Дубе, доцна синоќа објави дека Надир бил убиен во саботата.
Министерот изрази благодарност до народот на Сомалија и меѓународните партнери кои помогнаа во операцијата за „елиминирање на непријателите на нацијата“.
Групата „Ал Шабаб“, поврзана со Ал Каеда, уби десетици илјади луѓе во Сомалија во напади од 2006 година, со цел да ја собори централната сомалиска влада и да ги спроведе исламските закони.
Последниот напад се случи минатиот петок кога загинаа најмалку 16 лица.
Сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд, кој беше избран во мај, вети решителна борба против „Ал Шабаб“.
(Фото: АФП)