Австралискиот премиер, Ентони Албанесе, денеска изјави дека Австралијците ќе излезат на референдум на 14 октомври за уставна промена со која ќе се признаат домородните народи.
Целта на референдумот е да им се даде можност на Абориџините и на жителите на островот Торес да ја советуваат владата во парламентот за прашања кои ги засегаат нивните заедници.

Остануваат уште шест недели до референдумот на кој Австралијците ќе треба да одговорат дали поддржуваат уставна промена со која би се воспоставил „Глас“, односно домородно тело кое ќе ги советува властите за прашањата што ги мачат.
Потребно е „двојно мнозинство“ за да се дозволат уставни измени.
Според австралиската изборна комисија, тоа значи дека е неопходно да се добијат повеќе од 50 отсто од гласовите „за“, но и дека мнозинството гласачи треба да се изјаснат на тој начин во најмалку четири од шесте австралиски сојузни држави.
Албанесе на прес-конференција во сојузната држава Јужна Австралија го објави датумот на референдумот, која би можела да го одреди исходот од референдумот.
„На референдумот секој Австралиец ќе има генерациска можност да придонесе за зближување на нашата земја“
Ентони Албанесе
Абориџините сочинуваат 3,8 отсто од вкупното население на Австралија од 26 милиони луѓе.
Поддржувачите на промената на Уставот тврдат дека тоа ќе помогне да се поправат влошените врски со абориџинската заедница и да се обедини нацијата, како и тоа дека советодавното тело ќе може да се занимава со подобрување на здравјето, образованието, вработувањето и домувањето на домородното население.
Противниците, пак, тврдат дека тоа ќе предизвика поделба меѓу Австралијците, како и дека ќе се даде премногу моќ на советодавното тело.








