Моментно најдобриот тенисер на светот Шпанецот Рафаел Надал и Јужноафриканецот Кевин Андерсон ќе се борат во Њујорк во финалето на последниот Гренд слем турнир во сезоната, УС Опен, откако во полуфиналните средби беа подобри од Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро и Шпанецот Пабло Карено Буста.
Во првото полуфинале Андерсон ја спречи можноста на шпанско финале совладувајќи го Буста со 4-6, 7-5, 6-3, 6-4 за два часа и 55 минути во многу изедначен меч. На Андерсон утрешното финале ќе му биде прво на Гренд слем турнирите во кариерата, а веќе со пласманот во полуфиналето го надмина својот најдобар резултат, што беше четвртфинале на УС Опен во 2015 година.
И Надал, како и Андерсон, го загуби првиот сет во пресметката со Аргентинецот Дел Потро, кој до тука стигна по победата над Федерер во четвртфиналето. Меѓутоа после тоа Надал загосподари на теренот и за два часа и 31 минута стигна до победата (4-6, 6-0, 6-3, 6-2) и до четвртото финале на УС Опен, каде што триумфираше два пати, во 2010 и во 2013 година. На Надал ова ќе му биде 23 Гранд слем финале во кариерата, во кое ќе се бори за својот 16 трофеј.
Со оваа победа Шпанецот му врати на Дел Потро за поразот во полуфиналето на УС Опен во 2009 година, кога Аргентинецот совладувајќи го после тоа и Федерер стигна до својот прв трофеј во кариерата.
Утрешното финале е на програмата од 22 часот по средноевропско време, а надал во него влегува со предност од 4-0 во меѓусебните пресметки.







