Претседателот на „Атлас групација“, Душко Кнежевиќ, кого Црна Гора го бара поради финансиски малверзации, изнесе вреравечер тешки обвиненија на сметка на шефот на црногорската држава и владеачката ДПС, Мило Ѓукановиќ, за кој вели дека е „шеф на криминалниот октопод“ во таа држава.
Кнежевиќ, којшто е британски државјанин и се наоѓа во Лондон, по пат на Скајп одговараше на прашања на новинар од А1ТВ. Тој порача дека неодамна покренатата „афера плико“ е на почетокот и дека досегашното изнесување на докази против Ѓукановиќ и некои членови на неговото семејство не е ништо во однос на тоа што ќе следи во блиска иднина.
Кнежевиќ тврди дека има најмалку 20.000 документи, видео и аудио записи, кои ќе ги изнесува во неколку фази дека ја зборува вистината дека Ѓукановиќ, како што рече, со своите криминални работи ја доведе Црна Гора на раб на пропаст.
На констатацијата дека неговите тврдења предизвикаа „земјотрес“ во Црна Гора, тој истакна дека веќе во понеделник ќе следи „цунами“, односно дека ќе објави нови докази за проектот А2.
На директно прашање дали има исајдери во црногорското правосудство, Кнежевиќ одговори потврдно.
Тој зборуваше за својот голем придонес со финансирање на многу проекти, па и помош на евроатланскиот пат на Црна Гора и потенцираше дека на тие снимки има и многу „тешки разговори“, кои, како што рече, за жал нема да ги обелодени, затоа што со тоа би ја загрозил црногорската државност и имиџот на таа држава во меѓународни размери.
Кнежевиќ ги потврди зборовите на шефот на црногорската држава дека никогаш не бил негов близок пријател, но дека е, вели, речиси 30 години бил во негова близина и многу сторил за Црна Гора и знае многу тајни на Ѓукановиќ.
Запрашан што чекал до сега и зошто овие докази не ги изнел порано, Кнежевиќ рече дека „долго ја виткал кичмата“ пред Ѓукановиќ, но дека се што работел, го работел само од правни и економски причини за да ги заштити своите фирми и личниот имиџ.
Вели дека документацијата за Ѓукановиќ и неговите „криминални работи“ ја собира од 90-те години и дека има многу повеќе отколку, како што наведе, има црногорското Министерство за надворешни работи.
Запрашан дали има контакт со некоја странска служба која го контактира за овој случај и која го штити, Кнежевиќ рече дека, се разбира, не е сам, и дека има стратегија разработена со експертска екипа од странство, но дека тоа не е никаква тајна служба.
За тоа колку пари донирал во ДПС во последните 20-тина години, Кнежевиќ вели дека во прашање се милиони, дека тоа биле негови пари, од неговата Групација и од неговите бизниси.
Сепак, не сакаше да ја каже точната сума за, како што наведе, да не се чуствуваат граѓаните на Црна Гора лошо.
За „аферата плико“ спомена дека е на самиот почеток и дека има цврсти докази дека од него биле носени не пликоа, туку торби со пари.
„Нема ништо да работам против Црна Гора. Сето ова е само за да го запрам криминалниот октопод кој руши се по Црна Гора, кој преку обвинителството и судот води лажни процеси и државата ја турка во пропаст“, потенцираше Кнежевиќ, кој отфрли каква било своја вмешаност во обид за рушење на Црна Гора, на денот на изборите во октомври 2016 година.
Тврди дека знаел дека му се подготвува линч, дека добивал закани но и понуди за „договор“ за целата оваа ситуација да се забошоти. Доказите, вели, ќе им ги достави на меѓународни обвинители.
Потсети дека Атлас банка е една од најликвидните банки во Црна Гора со 100.000 клиенти, што е, како вели, една петина од државата. Ја коментираше и конференцијата за печат на обвинителот Миливој Кантиќ, кој го бранел Ѓукановиќ, а него го обвинувал, велејќи дека се било лага.
Ја отфрли секоја можност да и биде испорачан на Црна Гора. Подготвен е и да се истражи неговата одговорност во текот на годините кога соработувал со Ѓукановиќ, кому едно време му беше и советник, да се истражат сите негови фирми и да се види „кој перел пари и кој трошел буџетски пари“.
Тврди дека ниту една приватизација во Црна Гора не може и не била спроведена без Ѓукановиќ како „партнер“.
Кнежевиќ од актуелните власти бара да се вратат сите пари во Атлас банка и, меѓу останатото, да се изврши нејзина докапитализација, а на сите клиенти, странски и домашни, да им се исплати се, до последно евро.







