Северна Кореја се обиде да лансира нов воен извидувачки сателит во понеделникот, но обидот не успеа, а потегот беше осуден од Јужна Кореја, Јапонија и САД.
Јужна Кореја вчера објави снимка за која нејзината војска тврди дека го покажува неуспешниот обид за лансирање.
Едноминутното црно-бело видео кое го објави воениот штаб на јужнокорејската војска покажува нешто што изгледа како експлозија на небото проследено со блесоци. Снимката е направа со уред за надзор на јужнокорејски патролен брод.
Северна Кореја соопшти дека нејзиниот последен обид за лансирање нов воен извидувачки сателит не успеал во понеделникот во текот на летот.
Првичните анализи покажале дека причината е новоразвиениот ракетен мотор на течно гориво, но се истражуваат други можни причини, објави севернокорејскиот државен медиум КЦНА.
Обидот дојде само неколку часа откако Пјонгјанг издаде предупредување дека ќе се обиде да лансира сателит до 4 јуни, кој ќе биде негов втор шпионски сателит во орбитата.
Јужнокорејските и американските власти веруваат дека проектилот експлодирал откако летал неколку минути, а воениот штаб на Јужна Кореја наведе дека открил голема количина остатоци од ракетата во морето, само две минути по лансирањето.
„Ракетата исчезна над Жолтото Море“, им рече на новинарите шефот на јапонскиот кабинет Јошимаса Хајаши.
Тој ја обвини Северна Кореја дека со лансирањето ги прекршила резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Лансирањето, кое, наводно, вклучувало технологии кои се директно поврзани со програмата за балистички ракети на Кина и се случи во спротивност со повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН, го осудија Соединетите Американски Држави.
Лансирањето дојде неколку часа откако Кина, Јужна Кореја и Јапонија го заклучија трипартитниот самит во Сеул, забележува Ројтерс.
Ким Јонг-Ун: Не се откажуваме од својата вселенска шпионска програма
Севернокорејскиот водач, Ким Јонг-Ун, рече дека способноста за спроведување вселенско извидување е од суштинско значење за националната самоодбрана и заштитата на суверенитетот на земјата, и нагласи дека Пјонгјанг никогаш нема да се откаже од својата вселенска шпионска програма, објавија денеска државните медиуми.
Ким ја даде својата изјава за време на посетата на Академијата за одбранбени науки во земјата.
„Поседувањето воени сателити за извидување е клучна задача за јакнење на националната самоодбрана и заштита на националниот суверенитет и за безбедност од потенцијални закани… поради американските воени провокации“, рече тој.
Ким ја нападна Јужна Кореја затоа што го критикуваше лансирањето на сателитот и рече дека Сеул „си игра со оган“, покажувајќи сила и спроведувајќи вежби во кои учествуваат борбени авиони.
(Фото: АФП)







