Во присуство на многубројни пријатели, соработници, уметници и членови од дипломатскиот кор, Фондацијата „Аполонија“ од Гевгелија го прослави своето десето јубилејно постоење.
Свечената прослава по повод јубилејот се одржа на големата тераса на хотелот „Аполонија“ во Гевгелија, а беше збогатена со пригодна културно-уметничка програма.
Фондацијата „Аполонија“ во изминатите десет години оствари и спроведе голем број на значајни активности, работилници, културни настани, помагајќи му на локалното население и многу институции.
„Аполонија“ е основана во 2007 година, а во последните десет години со огромна поддршката од поединци и организации беа остварени многу програми и проекти наменети за деца, граѓани и институции на кои им беше потребна помош.
Образованието кое се смета за основа на целокупниот квалитетен развој на едно општество, е една од гранките во која Фондацијата „Аполонија“ има помогнато многу.
Фондацијата оствари соработка со основните училишта во Гевгелија и пошироко, Средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски”, Факултетот за туризам и бизнис логистика, градинки, музичкото училиште и градската библиотека “Гоце Делчев”. Соработката вклучува инвестиции, спонзорирање настани и развој на практични тренинг програми за обука.
Од 2017год, тренинг центарот „Аполонија“ нуди бесплатни тренинг програми со користење смарт технологија.
Фондацијата „Аполонија“ се стреми и кон негување на творечкиот ум во уметничката заедница. Во текот на изминатите години тие имаат спонзирирано одржување на преку 400 концерти на класична музика, над 200 ликовни изложби, поддржувајќи ги локалните фолклорни групи, а веќе 20 години се официјален спонзор на Џез фестивалот во Скопје. Домаќини се на Ликовната колонија „Аполонија“ каде во изминатите 16 год се создадени 300 уметнички дела од 92 уметника. Домаќини се и на биеналната уметничка колонија „Остен“.
На полето на литературата спонзорираат издавање книги, промоции на книжевни дела и одржување поетски вечери. Фондацијата обезбеди и грант од 10.000 евра за Симон Трпчески, за купување на големо пијано.
„Аполонија“ заедно со своите партнери и средствата добиени од ЕУ, Католичките добротворни организации Каритас и Реновабис, отвори нови хоризонти во помагањето на Децата со посебни потреби.
Во 2017 во соработка со здружението на родители и католичката црква, се отвори модерниот центар „Мајка Тереза” кој нуди многу услуги и третмани за Децата со посебни потреби.
Фондацијата финансираше опремување и реновирање на Медицинскиот Центар во Гевгелија и беа организирани 13 акции за доброволно крводарување. Тие се дел од спонзорствата на спортските клубови, здруженија и настани, организатори на хуманитарни акции и добротворни базари.
Заштитата на човековата околина е постојано во фокусот на активностите на Фондацијата „Аполонија“. Секој викенд 50 дечиња имаат можност да одат во природа каде ги откриваат нејзините тајни, учејќи да ја сакаат и чуваат. Качување на врвот на планината Кожуф, садење цвеќиња и дрва, тестирање на водата во реката Вардар, собирање на отпадоци, учење за рециклирање и посета на локални фабрики и фарми, се само дел од активностите во кои учествуваат децата.
Од 2017 е воведен научен пристап и истражување во лабораторија. Годишно се организираат преку 100 „Ден со природата” – проекти, а од 2008 до 2017 имаат учествувано повеќе од 500 деца.
Со прославувањето на десетгодишниот јубилеј на Фондацијата „Аполонија“ со изложба беше затворена и 16-та Меѓународна ликовна колонија. На изложбата беа презентирани делата на десет ликовни уметници од Македонија, Србија и Бугарија, кои ги изработија во текот на траењето на колонијата, инспирирани од гевгелиското поднебје. Досега на Меѓународната ликовна колонија учествувале 90 уметници, и беа претставени 300 уметнички дела.








