Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска пристигна во Киев во симболична посета на Денот на Европа, со цел да ја изрази својата целосна поддршка за Украина.
Таа, исто така, ја поздрави одлуката на украинскиот претседател Зеленски и во иднина 9 мај да се одбележува како Ден на Европа. „Украина е дел од европското семејство“, рече фон дер Лајен.
„Продолжуваме да вршиме притисок врз Русија. Ова е една од работите што ќе му ги пријавам на претседателот Зеленски. Сега ставаме акцент на строго спроведување на санкциите и преземање мерки за спречување на избегнување санкции. Во тоа никој не треба да се сомнева“, рече претседателот на Комисијата.
Комисијата во петокот пред амбасадорите на земјите членки го презентираше предлогот за 11. пакет санкции против Русија, кој пред се ќе биде насочен против оние кои и помагаат на Русија да ги избегне санкциите.
Според дипломатски извори, ЕК предлага да се создаде законска можност за ограничување на извозот во земјите за кои постои сомневање дека и помагаат на Русија да ги заобиколи санкциите.
Тоа треба да биде еден вид одвраќање, а доколку не е ефективно, Унијата би можела да воведе забрана за извоз на производи наменети за двојна употреба, цивилна и воена, во одредени земји.
Исто така, можно е неколку кинески компании да се најдат на санкционираната листа.







