Денес, во првиот круг на внатрепартиските избори на Социјалистичките партии, француските левичари избираат кандидат којшто треба да биде доволно силен за да се соочи со конзервативните и националистичките противници на изборите за претседател на Франција кои ќе се одржат во април и мај.
Поранешниот премиер Мануел Валс, кој тежнее кон центарот, ја предводи денешната трка, но се соочува со жестоки напади од своите левичарди противкандидати кои го поврзуваат со потезите на претседателот Франсоа Оланд, пренесува АП.
Арно Монтбур, поранешен министер за економија, вети политика во стилот „Франција на прво место“ и има намери да побара од директорите да ги зголемат платите на вработените ако ги зголемат своите.
Монтбур, гласајќи денес во средишна Франција, изрази надеж дека ќе ги „соедини останатите делови од левото крило и ќе победи на претседателските избори“.
Меѓу левоориентираните противници е и уште еден поранешен министер во француската влада, Беноа Амон, кој ветува дека ќе ја легализира употребата на марихуаната и дека, како што пренесува АП, на сиромашните Французи и на тие меѓу 18 и 25 години ќе им даде „универзален приход“ од 600 евра.
Меѓу останатите кандидати се и Венсан Пејон, Франсоа де Рижи, Силвија Пинел и Жан-Лик Бенами.
Претходно Оланд ја отфрли можноста да се кандидира за уште еден мандат.
Двајца кандидати кои ќе добијат најмногу гласови во денешниот прв круг, ќе се соочат во вториот круг на 29 јануари, а победникот потоа го чека значително поголем предизвик, трката за претседател која исто така ќе се одржи во два изборни круга, на 23 април и 7 мај.
Тоа, оценува американската агенција, нема да биде лесна задача за кандидатот на левицата, затоа што некогаш многу моќната француска левица сега се бори за политички опстанок откако реформата на Оланд за јакнење на стопанството ја подели неговата Социјалистичка партија.
Истовремено, во претседателската кампања одбележана со антимиграцискиот популизам и стравувањата од економска стагнација, многу разочарани гласачи од работничката класа им свртуваат грб на социјалистите и се приклонуваат кон лидерката на крајната десница Марин Ле Пен.
Анкетите покажуваат дека, во однос на левоориентираните, поголема поддршка уживаат конзервативниот кандидат, претседателот на партијата Републиканци, од десниот центар, Франсоа Фијон и лидерката на Националниот фронт, Марин Ле Пен.
Растечки предизвик за левицата претставува и центристичкиот, независен кандидат Емануел Макрон (39), поранешен инвестициски банкар кој ги поведе реформите на Оланд како министер за економија, но тој одби да учествува во внатрепартиските избори на социјалистите.
Но. и лидерот на крајната левица Жан-Лил Меланшон одвлекува гласачи од социјалистите.







