Директорот на „Мерцедес“, Тото Волф, денеска рече дека возачот Луис Хамилтон нема причина да размислува за премин во некоја друга екипа од Формула 1. „Мерцедес“ на минатата трка во Јапонија ја освои шестата последователна титула во конкуренција на конструктори, а неговите двајца возачи Хамилтон и Валтери Ботас се борат за шампионската титула.
Британецот е во предност, затоа што има 64 поени повеќе, а во неделнава трка во Мексико може да ја освои шестата шампионска титула, петта во „Мерцедес“.
Хамилтон има договор со „Мерцедес“ до крајот на 2020 година, но се шпекулира дека по истекот на договорот може да ја промени средината и да премине во „Ферари“.
„Сакаме да ја завршиме сезоната во голем стил, да здивнеме на кратко, а потоа да разговараме што ќе се случува во 2021 година. Лојалноста и инегритетот не врзуваат, најважни дискусии за 2021 година ќе бидат со Луис и Валтериј, но тоа сеуште не се случило. Односот којшто го развивме е силен фактор за зачувување на тимот и право богатство на ‘Мерцедес’“, рече Волф.
„Мерцедес“ оваа сезона беше сигурен, а на екипата и останува така да продолжи и во следната сезона, како би го убедила Хамилтон да потпише нов договор.
Во сезоната 2021 ќе се применуваат нови правила и за сега е невозможно да се предвиди кој би можел да биде најдобар.
Исто така, и на возачот на „Ферари“, Себастијан Фетел, на крајот на сезоната 2020 му истекува договорот.
Волф вели дека знае дека се е до екипата, на која и останува да му покаже на Хамилтон заради што вреди да се остане.
„И ‘Ферари’ ќе ги разгледа опциите. Сега имаат добар состав, но сигурно е дека ќе размислуваат за 2021. Исто така и ние размислуваме за тоа. Се додека можеме да обезбедиме победничко возило, Луис нема причина да размислува за друга екипа, а ние немаме причина да бараме ноз возач“, наведува тој.
Прашање е и дали Волф за 18 месеци ќе остане во „Мерцедес“, затоа што се погласно се зборува за негово заминување. Тој според гласините треба да го замени Чејс Кери на чело на Формула 1.
„Кога работиш нешто, тоа мораш да го правиш со целото срце, да бидеш 100 проценти посветен на тоа, или немој да работиш. Ако сонувам за некоја друга работа, не би ја работел оваа сегашнава. Навистина уживам во водењето на спортската екипа, уживам во бруталната искреност на резултатот на кругот кој покажува дали си доволно добар или не, а најважно е тоа што уживам во односите внатре во екипата“, дециден е Волф.
Трката за Големата награда на Мексико на програмата е во недела од 20.10 часот. Хамилтон ќе ја освои шестата титула ако освои 14 бодови повеќе од тимскиот колега Ботас.
(Фото: АП)